Катедрата  што денес го носи називот Катедра за хидротехнички објекти практично е оформена со основањето на Техничкиот факултет во Македонија, формиран во 1949 година, како интегрален дел на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, а првите предавања се одржани во 1950 година, за предметите „Водни сили и хидротехнички објекти“ и „Пловни патишта“. Двата предмета во почетниот период ги држел основачот на Катедрата проф. Братислав Субановиќ. Во првите десетина години, во наставата на Катедрата како асистенти учествувале Михајло Серафимовски и неколку хонорарни соработници, инженери од практиката. Подоцна, првиот предмет се подели на два: „Ползување на водните сили“ и „Хидротехнички објекти“, а вториот премина во Катедрата за  хидраулика, хидрологија и речна хидротехника. Од 1964 година  кога проф.  Субановиќ премина на Техничкиот факултет во Ниш, Катедрата ја презеде новоизбраниот  доцент Михајло Серафимовски и тој ја раководи се до пензионирањето во 1987 година. Во изведувањето на наставата на проф. Серафимовски му помага Никола Дурнев, од 1965 до 1970 година, како хонорарен асистент, а потоа како асистент во постојан работен однос. Во 1973 година асистентот Никола Дурнев е избран за доцент и ја превзема наставата за предметот „Ползување на водните сили“, се до пензионирањето во 2001 година. Со издвојувањето на Градежниот факултет, како засебен факултет во 1975 година, Катедрата ја извршува наставата, научната и апликативната  дејност во рамките на новоформираниот Институт за хидротехниика. Со реформата на наставно-образовниот процес и преминувањето на циклична настава, двата двосеместрални предмети при Катедрата  се разделени на четири едносеместрални: „Брани“, „Хидротехнички објекти“, „Ползување на водните сили“ и „Хидроенергетски објекти“. Воведен е и нов предмет, што покрива релативно млада гранка во хидротехниката – „Водостопански системи“. Од 1977 година во Катедрата како помлад асистент работи Љубомир Танчев кој, со изборот во доцент во 1988 година и понатаму во редовен професор, се до пензионирањето во 2010 година, ја превзема наставата за предметите „Брани“ и „Хидротехнички објекти“. Од почетокот на 1988 година во Катедрата, како помлад асистент почнува да работи Љупчо Петковски. Од изборот за доцент во 1997 година Љупчо Петковски ги предава предметите „Хидротехнички конструкции” и „Хидроенергетски објекти”. Во 2005 година, на Катедрата како асистент е ангажиран Стевчо Митовски, кој по изборот во доцент во 2015 година, држи настава по предметот „Хидројазли“.

 

Активни членови на Катедрата:

Проф. д-р Љупчо Петковски, дипл. град. инж.

Доц. д-р Стевчо Митовски, дипл. град. инж.