Во периодот од 27 октомври до 1 ноември 2018 година, во Истанбул – Турција, се одржа V Меѓународен симпозиум за стабилност на брани (5th International Symposium on Dam Safety) организиран од страна на Националното здружение за стабилност на брани во Турција (TRCOLD), Националното здружение за механика на почви и геотехничко инженерство и Универзитетот „Ескисехир Османгази“.

Дел од темите на кои беа поднесени реферати на овој симпозиум, се:

  • Изведба и управување со хидротехнички објекти;
  • Рушење на брана и мапирање на загрозени подрачја;
  • Проучувања на седиментацијата спротиводно од преградниот профил на браните;
  • Незгоди поврзани со стабилноста на браните и придружните објекти;
  • Предвидување на поплавен бран и димензионирање на евакуационите органи;
  • Геодетска оскултација кај големите брани;
  • Геологијата и геотехниката;
  • Проблеми во изведба на брани;
  • Анализа на статичката и динамичката стабилност на  браните;
  • Стабилност на косините во подрачјето на акумулациите;
  • Анализа на однесувањето на браните на долг рок;
  • Еколошки проблеми поврзани со браните;
  • Хидројаловишта.

Учество на овој симпозиум земаа и неколку студенти од втор циклус на студии, отсек хидротехника. Во соработка со Катедрата за хидротехнички објекти, беше изработен рефератот на тема:

„Static analysis of Gratche dam – a case study“

Главната цел во рефератот е докажување на статичката стабилност на лачната бетонска брана „Гратче“, која се наоѓа во близина на градот Кочани. Геометрискиот модел на браната е изработен со помош на софтверот Civil 3D, додека анализата за статичката стабилност на браната е направена со помош на софтверот SoFistik. Во анализата, стабилноста на браната е разгледана за неколку товарни комбинации од товарите на сопствена тежина, хидростатски притиок и влијание од температурата за зимски и летен период од годината. Добиените резултати се споредени со податоци од извршени геодетски мерења на браната, со што се докажа дека математичкиот модел на браната изработен во SoFistik одговара на реалниот прототип – самата брана.

Рефератот беше усно презентиран на симпозиумот.

За сите заинтересирани кои сакаат да прочитаат нешто повеќе за анализата, рефератот е прикачен во рамките на оваа статија.

Р.Б.Датотека
13D Analysis Gratche Dam_PDF.docx