Во списанието „Пресинг“ број 41, издадено во декември 2018 година може да се сретнат две статии поврзани со хидротехничкото инженерство.

Во првата статија, проф. д-р. Љупчо Петковски пишува на тема „80 години од инженерството на брани во Р Македонија“ каде дава осврт на историјатот на развојот на хидротехничкото инженерство во Македонија. Имено, во далечната 1938 година во Македонија, изградена е првата брана на овие простори – браната Матка во кањонот на река Треска. Иницијативата за изградба на брана потекнувала од тогашниот градоначалник на град Скопје – Јосиф Мхајловиќ Јуруковски, кој по професија бил инженер архитект и има значаен удел во модернизацијата на Скопје. Со изведбата на брана Матка и хидроцентралата Матка, граѓаните на Скопје за прв пат добиваат електрична енергија. По брана Матка, во Македонија следи еден интензивен период на градба на брани и хидротехнички објекти, за денес да имаме над 150 изведени брани во нашата земја. Од земјени, до камено насипни брани со асфалтно јадро и екран од геосинтетик, бетонски контрафорни, лачни, гравитациони, во Македонија практично се застапени сите типови на брани.

Во втората статија, проф. д-р. Љупчо Петковски и проф. д-р. Бранислав Ѓорѓевиќ пишуваат на тема „Професор Михајло – Микле Серафимовски, истакнат хидротехнички градител и омилен учител на инженерите во Македонија“. Во оваа статија, напишана токму од студент на проф. Михало Серафимовски, се дава кус преглед на богатото искуство на инженерот, од самите почетоци на неговото образование во неговиот роден град Тетово се до пензионирањето како професор на Градежниот факултет во Скопје. Токму неговата приказна, искуство и љубов кон професијата е инспирација за многу инженери кои се одлучиле да продолжат со студиите во хидротехничката насока.

За да ги прочитате целосните статии, во продолжение може да пристапите кон списанието „Пресинг“ број 41.

Списанието го издава Комората на овластени инженери и архитекти на Република Македонија.